Instagram ќе го поедностави именувањето на неколкуте видови на видео содржина која е достапна на мрежата. Слабиот успех на IGTV придонесе до намалување на експонирањето на овој бренд, па сега тој ќе биде и целосно тргнат.
Овие видеа во издолжен формат, заедно со „обичните“ видеа кои корисниците можат да ги прикачуваат на нивниот профил, ќе бидат унифицирани и едноставно нарекувани Instagram Video. Со оваа промена ќе се промени и копчето кое досега беше достапно на профилите од корисниците.
Очекувано, дел од Instagram Video нема да бидат Reels видеата кои за разлика од IGTV се покажаа одлично. Со оглед дека тие се одговор на Instagram на TikTok, не е воопшто чудно што овој популарен формат на видеа успеа и на оваа мрежа.
Корисниците во главно нема да забележат голема разлика со оваа промена, а видеата ќе продолжат да може да се откриваат и преку за тоа наменетиот Explore дел во апликацијата.

Од Instagram најавија дека со оваа промена донесуваат и неколку новини во делот за видеа, а тоа се можноста за промена на должината на видеото кое се прикачува, филтери, како и означување на луѓе и локации.