Можноста за користење на бесплатниот сервис за електронска пошта од Microsoft, Outlook.com (порано Hotmail), со сопствен домен постои од 2005 година, меѓутоа не е толку познат и промовиран како некој од конкурентните. Можноста за користење на email сервис со сопствен домен значи користење на ваш домен како @smartportal.mk, наместо @outlook.com кој што следува со креирање на секоја нова сметка.
Оваа можност Microsoft ја даваше бесплатно, па иако не нуди нешто многу функции и можности за менаџирање, сепак голем број на мали бизниси и приватни лица го користеа сервисот поради таа причина. Сервисот посебно стана популарен од кога Google почна да наплаќа за нивниот ваков сервис кој што исто така беше бесплатен од неговото претставување до 2012 година.
Меѓутоа Microsoft реши да престане да го нуди сервисот бесплатно, па на страната за најавување на корисниците постави известување во кое што го најавува престанувањето на поддршката. Корисниците кои што сакаат да користат сопствен домен ќе треба да се претплатат на некоја од претплатите на Office 365 за деловни корисници, кои што почнуваат од 5 долари месечно за еден корисник, односно една посебна email адреса. Корисниците кои што го користат беспатниот сервис ќе можат да продолжат да го користат на неопределено време, меѓутоа веќе нема да имаат можност за додавање на нови адреси, а постојните ќе бидат одвоени како посебни outlook.com сметки, но ќе ја задржат својата посебна адреса.