По најавата дека наместо алгоритамот кој се користи стандардно, прикажувањето на објавите ќе се прави врз основа на рангирање од страна на Grok, сега оваа новина започнува да биде користена на X мрежата.
Информацијата ја објави Елон Маск и нагласи дека Grok, односно вештачката интелигенција, ќе ги рангира објавите во делот за профилите кои ги следи корисникот. Доколку сакаат, корисниците секогаш може да изберат објавите во овој дел да им се прикажуваат хронолошки, односно според времето на објава.
За да се добие оваа новина, Маск истакнува дека корисниците треба да ја ажурираат својата X апликација, односно да ја инсталираат најновата верзија.
За разлика од класичните алгоритми, користењето на Grok треба поточно да прикаже објави кои на корисникот би му биле интересни, а секако тука е и факторот за популарноста на објавите.
Мрежата X неодамна ја доби и можноста за гледање на земјата од каде се креирани и од каде се користат профилите, а со тоа се зголеми и транспарентноста, посебно за профилите кои имаат големо влијание кај корисниците.












































