YouTube воведе нов начин за прикажување на дополнителни информации во видеата кој што е направен во популарниот за Google дизајн во форма на карти. Овие карти треба со тек на време да ги заменат понекогаш корисните, но понекогаш навистина досадните прибелешки (annotations) кои што се појавуваат во разни бои, големини и позиции на видеата.
Една од главните карактеристики на новите YouTube Cards е тоа што тие ќе бидат прикажувани на било која големина на екранот, односно ќе бидат прикажувани и на мобилните уреди и апликации.
За разлика од прибелешките, картите нема да може да се бира каде ќе бидат прикажувани и во која боја или големина ќе бидат. Тоа може да е проблем за некои од сопствениците на канали, меѓутоа сигурно е подобар начин на прикажување на дополнителни информации за гледачите кои што сега нема ни приближно да им пречат.
Картите ќе се прикажуваат во горниот десен дел од видеото во форма на иконата i – info, во времето кога објавувачот на видеото ќе одлучи. На кратко иконата ќе биде зголемена со кратка информација која што покажува дека видеото содржи карти со повеќе информации. Со притискање на иконата, ќе може да се видат сите достапни карти за видеото.
Картите во оваа фаза се ограничени на неколку видови на информации, односно ќе може да се прикажат карти за производи, подигање на средства, видеа, плејлисти, поврзани веб страни и собирање на средства од фановите.
Прилагодувањето на сите видови на карти може да се направи преку едиторот при објавување на видео.
Извор: YouTube Creator, TNW