Фото: ЗПГА

Скопје, 27.02.2026 година. Здружението на приватни Гинеколози и Акушери (ЗПГА) одржа изборно Собрание на кое беа избран Претседател и Членови на Управниот Одбор. Ова официјално заседание на Здружението на Матични Гинеколози кое обедини врвни експерти и докажани професионалци од областа на гинекологијата и акушерството, означи нов циклус и поглавје во делувањето на оваа еминентна професионална организација.

Главна точка на Дневниот Ред беше изборот на нов Претседател и нови Членови на Управниот одбор. По сеопфатната презентација на програмите за работа, членството со големо мнозинство го избра Др. Георги Костадинов, Гинеколог-Акушер за Претседател на ЗПГА. За Членови на Управниот одбор се избрани: Др. Вероника Кокоромановска, Др. Никола Личоски, Др. Лулзиме Хоџа, Др. Оливера Арнаудова, Др. Рина Латифи Исаки, Др. Розјана Николова Јанева и Др. Душко Филиповски.

Во обраќањето пред големиот број присутни Членки на Здружението, новоизбраниот Претседател вети енергична заштита на интересите на матичните гинеколози и засилување на улогата на ЗПГА како рамноправен партнер во креирањето на националните здравствени политики и стратегии. „Одржлива примарна здравствена заштита на жената постои единствено кога матичните гинеколози се финансиски стабилни, правно заштитени и професионално почитувани. Токму затоа, нашето Здружение треба и мора да се трансформира во проактивна, стратешка професионална институција. Со преземање на доверениот мандат, подготвен сум заедно со сите Членки да го позиционираме Здружението како фактор во здравствениот систем во нашата Држава“, потенцираше Др. Георги Костадинов, Претседател на ЗПГА.

Покрај изборната активност, на Собранието беше елаборирано за досегашната активност и делување, со акцент на неколку предизвици, посебно во делот на утврдување Правилник за третман и работа на Приватните Гинеколошки ординации. Во таа насока се дискутираше за можните решенија поврзани со оваа актуелна тема, по што, новото раководство доби охрабрување за интензивно институционално делување.

Присутните Членки на Здружението со акламација го поздравија досегашниот Претседател, Др. Душко Филиповски и ја изразија благодарноста за неговиот досегашен ангажман и придонес во развојот и одржувањето на Здружението.