Apple вчера официјално ги објави M5 Pro и M5 Max, следната генерација чипови наменети за професионалните MacBook Pro. Двата чипа се изградени на целосно нова архитектура која Apple ја нарекува Fusion Architecture.
Суштината на оваа архитектура е спојување на два одделни чипа (dies) во еден систем на чип. Двата дела се произведени на трета генерација 3-нанометарски процес и се поврзани со висока пропусност и ниска латенција. Ова е нов пристап за Apple и претставува значајна промена во начинот на кој компанијата ги дизајнира своите про-чипови.
Процесорот кај двата модели има 18 јадра. Шест од нив се таканаречени „super cores”, најбрзите јадра кои Apple некогаш ги направил, со најдобри перформанси при работа на еден „thread“. Останатите 12 се нови „performance cores” оптимизирани за „multithread“ задачи. Заедно, овие јадра донесуваат до 30 проценти подобри перформанси во професионални работни текови во споредба со претходната генерација.
GPU делот е исто така значително подобрен. M5 Pro доаѓа со до 20 графички јадра, додека M5 Max оди до 40. Секое графичко јадро содржи „неврален забрзувач“ (Neural Accelerator), што значи дека графичкиот процесор сега активно учествува во ВИ пресметките. Apple тврди дека ова носи над четири пати повеќе ВИ перформанси во споредба со M4 генерацијата.
За графичките перформанси, Apple наведува до 20 проценти подобрување во споредба со M4 Pro и M4 Max, додека за апликации кои користат „ray tracing“ подобрувањето оди до 35 проценти. Зад овие бројки стои трета генерација „ray tracing мотор“ и подобрени „shader“ јадра со динамичко кеширање.
M5 Pro поддржува до 64GB унифицирана меморија со пропусност од 307GB/s. M5 Max го дуплира тоа, до 128GB меморија и 614GB/s пропусност. Оваа разлика е клучна за корисници кои работат со големи ВИ модели локално, бидејќи повеќе меморија и поголема пропусност директно значат побрзо генерирање на „токени“ кај јазичните модели.
Покрај процесорот и графиката, двата чипа вклучуваат и 16-јадрен Neural Engine, хардверски Media Engine со поддршка за H.264, HEVC, AV1 и ProRes, како и вградени Thunderbolt 5 контролери. Apple посебно ја истакнува функцијата Memory Integrity Enforcement — заштита на меморијата која работи постојано без да влијае на перформансите.
Вреди да се забележи дека Apple продолжува со агресивно позиционирање на своите чипови во доменот на ВИ. Додека конкуренцијата се потпира на надворешни графички процесори и серверска инфраструктура за ВИ задачи, Apple инсистира на локална обработка. Прашањето е колку овој пристап ќе биде практично релевантен за повеќето професионалци, а не само за ВИ истражувачи со специфични потреби.











































