Фото: Omar Al-Ghosson / Unsplash

Apple оваа недела ги претстави „освежените“ верзии од нивните MacBook Pro со новите M5 Pro и M5 Max чипови, како и MacBook Air со М5 чипот, како дел од претставувањето на нови уреди во три дена, кои ќе завршат со настан во три града.  

Додека го чекаме денешното претставување на првиот MacBook кој ќе работи со чип од iPhone, имаме и нови информации поврзани со првиот MacBook Pro со екран на допир. 

Информациите доаѓаат од секогаш најдобриот извор за нив, Марк Гурман и неговиот неделен билтен на Bloomberg. 

Гурман ја започнува објавата со фактот дека „фановите“ на Apple одамна бараат спојување на MacBook и iPad, но од компанијата тоа не планираат да го направат, барем не во блиска иднина. 

Apple останува на ставот дека развојот на посебните видови на уреди донесува подобра вредност, а тука секако е и падот на продажбата доколку ги спои двете категории во една, посебно што голем дел од корисниците имаат и лаптоп и таблет. 

Познат е и ставот на Стив Џобс дека работата со екран на допир на лаптоп не е нешто што е практично и потребно, па затоа и малку е чудна одлуката на компанијата да ја промени својата политика. 

Сепак, кога ќе се земе информацијата која ја објави Гурман, Apple може да се каже дека не ја менува политиката, барем не суштински. 

Првиот MacBook Pro со екран на допир, кој треба да биде претставен до крајот на годината, нема да биде развиен како уред на кого во прв план му е допирот. 

MacBook Pro ќе остане во сегашниот формат и корисниците пред се ќе го користат како и досега, со тастатурата и „тракпадот“. Добивањето на екран на допир ќе биде само како еден вид на „поддршка“ за допир, па корисниците во ситуациите кога навистина е корисно, ќе можат да го користат лаптопот и на тој начин. 

Нема да има додавање на iPadOS функции, нема да дојде до спојување на двата системи. 

Гурман истакнува и дека од компанијата не планираат да претстават хибриден уред, како што направи Microsoft, а и други производители. MacBook Pro ќе остане класичен лаптоп, без разлика што ќе добие екран на допир.