Своевремено најголемиот гигант во светот на компјутерите, IBM, покажа дека и натаму може да се носи со најдобрите. Имено, тие конструираа чип со големина на транзисторите од само 7 nm, што е навистина импресивно.
Еве и зошто. Денешните најдобри процесори и графички карти имаат големина на транзисторите од 14 nm, што е 7000 пати помало од човечкото влакно, односно само шест пати пошироко од ДНК молекулата. Ако тоа не ви звучи доволно импресивно, најмалата бактерија на земјата има 300 nm.
Производството на чипови со многу мали транзистори е многу предизвикувачко и засега, само Intel и Samsung произведуваат чипови со големина на транзисторите од 14 Nm, додека другите, како Qualcomm и AMD имаат можност само за чипови со 20, односно 28 nm.
Најголемиот придонес на повеќето транзистори на еден чип е во зголемувањето на перформансите, но и намалувањето на потрошувачката. Сепак, овие чипови имаат и негативна страна, а тоа е поголемото загревање и послабите можности за зголемување на работниот такт, односно популарниот “overclock”.
Со цел да постигнат двојно намалување на транзисторите во нивниот чип, IBM употребија неколку егзотични техники и материјали. Имено, материјалот кој е употребен е силикон – германиум, кој досега не е употребен во изработката на вакви делови, додека за производство се употребува оптичка технологија со ултравиолетова светлина со многу кратка бранова должина од само 13,5 nm, што е многу помалку од она што го употребуваат другите производители, односно 193 nm. Всушност, оваа бранова должина е многу блиска до онаа на Рентген зраците, кои ги употребуваме во медицински цели.
Овие егзотични материјали и техники засега се премногу скапи и веројатно ќе поминат неколку години пред да ги видиме првите масовно произведени чипови со транзистори од 7 nm на пазарот. Сепак, Intel вети дека при крајот на наредната година ќе ги видиме првите чипови со транзистори од 10 nm (Cannonlake), што е исто така импресивно.
Интересно, според IBM и Intel, ова е веројатно лимитот на производство на помали транзистори и наскоро производителите би можеле да наидат на проблем. Доколку не се најде начин да се произведуваат помали транзистори, може да има и период кога развојот на чиповите ќе биде ограничен на оптимизирање и нови архитектури, кои можат само делумно да ги подобрат перформансите.
Доколку сегашните чипови бидат изработени во 7 nm процес, перформансите и потрошувачката ќе бидат подобрени за цели 50%. Како споредба, денешните Haswell-U чипови на Intel имаат вкупно 1,9 милијарди транзистори, додека со употреба на технологијата на IBM, на истата површина би имале фантастични 20 милијарди, што е 10 пати повеќе! Првите вакви чипови, според IBM, би требало да пристигнат во 2017 година.
Извор: The Verge, PC World, CNet, ARS Technica