Фото: Apple

Apple во текот на вчерашниот ден ја пушти првата „поголема“ надградба за нивните оперативни системи кои сега ја користат бројката 26. Пуштени беа iOS 26.1, iPadOS 26.1, macOS 26.1, tvOS 26.1, како и watchOS 26.1. 

Надградбата во главно донесува неколку мали промени, исправка на грешки и „багови“, како и безбедносни ажурирања. 

Една од главните новини која доаѓа кај iOS 26.1, iPadOS 26.1 и macOS 26.1 е можноста за избор на начинот на којшто ќе се прикажува новиот Liquid Glass дизајн кај одредени елементи од корисничкиот интерфејс. 

Ова може да се каже дека не е баш карактеристично за Apple, а доаѓа поради големите критики кои корисниците ги имаат за новиот дизајн, а интересно од другата страна, па критики доаѓаа и кога од компанијата ги намалуваа новите промени. 

Сега секој корисник ќе може да избере кој правец му се допаѓа повеќе, па нема потреба од критики од било која страна. 

Новата можност овозможува менување на нивото на проѕирност кое ќе го имаат одредени елементи на корисничкиот интерфејс, а тоа во главно се однесува на новите ленти од менијата, како и известувањата. 

Тука најмногу правеше разлика Liquid Glass дизајнот поради намалувањето на читливоста на текстот поради „стаклената“ проѕирност. 

Корисниците добиваат избор од две нивоа, односно „Clear“, опција која овозможува поголема проѕирност и како што беше досега во пуштањето на iOS 26 и другите, како и новата „Tinted“ опција која ја намалува проѕирноста. 

Tinted додава мало заматување на елементите, како и помала светлина, а со тоа текстот многу полесно и подобро се чита. 

Оваа нова можност не ги менува долната лента, контролниот центар и папките.