Во рамките на CES 2024, Intel ја претстави својата целосна серија на Intel Core 14th Gen процесори за десктоп и лаптоп компјутерите. Оваа серија е освежување до одреден степен на ланската 13та генерација, а посебно внимание привлекува целосно новата Intel Core серија која беше претставена со своите први U модели за потенките лаптоп компјутери.
Во октомври минатата година Intel ги претстави првите три процесори од 14тата генерација за десктоп, а истата на CES е комплетирана, односно претставени се останатите 65 и 35-watt процесори наменети за сите категории на десктоп и се-во-едно компјутери.
Оваа генерација сега ги добива и своите лаптоп верзии, па со тоа може да се каже дека 14тата генерација е комплетирана и на корисниците им го нуди најдобриот избор во моментот за било која намена.
Од Intel Core 14th Gen процесорите за лаптоп компјутерите посебно се истакнува Core i9-14900HX кој доаѓа со 24 јадра, односно осум за моќни перформанси и 16 за заштеда на енергија. Овој процесор исто така доаѓа со „turbo“ ферквенција до 5,8GHz, што треба да овозможи до 17% подобрување на перформансите кај игрите.
За мене посебно внимание привлекува првата серија од новата архитектура и именување на процесорите, а тоа е Intel Core U Processor Series 1. Оваа серија е претставена со Intel Core 7 150U процесорот кој доаѓа со 10 јадра од кои две за перформанси и осум за заштеда на енергија и турбо фреквенција до 5,4GHz.
Оваа серија доаѓа со поддршка за до 96GB DDR5 RAM, PCIe Gen 4.0, Bluetooth 5.4, Wi-Fi 7 и повеќе.
Новата серија е наменета за потенките лаптоп компјутери, а тоа истата треба да им овозможи на овие уреди е доста подобри перформанси од досега достапните, со добра ефикасност, односно потрошувачка на енергија.
Исто така, на основа на овие процесори ќе функционира и новата верзија на Windows која во голем дел ќе ја донесе вештачката интелигенција.
Корисниците треба да очекуваат и поголема конкурентност на Windows лаптоп компјутерите со тие од Apple.
Сите детали поврзани со новите процесори се достапни тука.