Повеќе јадра во многу случаи и не значат подобри перформанси – за персоналните мобилни уреди многу е поважна брзината на самото јадро. Сепак, во светот на серверските процесори, јадрата играат и тоа како важна улога, а овој процесор за кој ќе пишуваме денес има дури 1.000.
Чипот е дизајн на научници од Универзитетот во Калифорнија и негова главна карактеристика е што секое јадро е засебен процесор, односно може целосно да биде изгаснато доколку не е во употреба. Ова го прави целиот чип исклучително економичен – тој може да се напојува само од една AA батерија и е 100 пати поефикасен од стандардните лаптоп процесори.
Процесорот може да испорача и многу висока пресметковна моќ, до 1,78 трилиони инструкции во секунда (115 милијарди инструкции со потрошувачка од само 0,7 W), што го прави најбрз чип развиен од Универзитет досега. Импресивни се и неговите димензии – 7,94 на 7,82 mm, односно 18 процесори на 1 милиметар.
Чипот е сепак изработен од Intel со прилично стар CMOS процес со големина на транзисторите од 32 nm и има вкупно 621 милиони транзистори. Секое јадро на KiloCore работи на 1,78 GHz, што е прилично висока брзина за чип со толку многу јадра. Понова технологија со големина на транзисторите од 14 или 10 nm драматично би ги подобрила неговите перформанси.
Ваквите чипови се одлични за специјални софтвери за енкрипција, односно оние кои ги користат компаниите како Google, Microsoft и Apple за да ги заштитат вашите лични податоци. KiloCore може да биде особено корисен за такви апликации, бидејќи има исклучително мала потрошувачка на енергија, благодарение на можноста за „сецкање“ на алгоритмите во софтверот и нивна пресметка во сите 1.000 јадра одеднаш.
Извор: The Next Web, ZDNet, Gizmodo