Surface линијата е дефинитивно најуспешната „хардвер“ приказна на Microsoft, но сѐ уште е нецелосна – фали паметен телефон и поголем, десктоп компјутер. За првиот знаеме дека ќе го видиме наредната година, а според нови информации, Microsoft планира и „се во едно“ десктоп компјутер, кој би можел да биде претставен уште оваа година.
Причините за ваквиот потег се многу едноставни – Surface брендот да биде централно поставен во Вашата дневна/спална соба, како центар за забава, поврзување со интернетот и дури и работа за оние кои го прават тоа од дома. Големиот дисплеј кај ваквите компјутери и натаму е ненадминлив за многумина, за кои лаптопот е само вториот, преносен компјутер, додека главното решение и натаму лежи на работната маса. Голем компјутер може да биде и единственото решение за забава во домот, што е една од желбите на Microsoft – Windows 10 да го има во секоја дневна соба.
Исто така, Surface десктоп компјутер ќе им овозможи на Microsoft да земат дел од колачот на Apple, кој со својата iMac линија буквално доминира на пазарот. Surface десктоп компјутер би можел да биде и одличен начин да се привлечат и другите производители на хардвер да направат своја верзија, како што е тоа случај со Surface Pro линијата, што е одличен начин нивниот Windows 10 оперативен систем да стигне до повеќе корисници.
Спецификации за уредот сѐ уште не се познати, освен тоа дека во него ќе се вградуваат новите Kaby Lake процесори на Intel. Всушност, единствената работа која е пречка за лансирањето на овој компјутер е токму лансирањето и на овие процесори. Лично, очекувам Microsoft да изненади со некоја функција или можност и сигурен сум дека компјутерот ќе има и дисплеј на допир (на фотографијата горе е еден таков компјутер од HP поставен како пример).
Извор: Windows Central, TechRadar, The Next Web