
Најавата на Елон Маск на Twitter дека има обезбедено средства за приватизирање на Tesla, му донесе проблеми кои го чинеа претседателското место во одборот на компанијата, како и додатни 20 милиони долари. Оваа сума ќе ја плати посебно и компанијата, а ова е дел од договорот којшто го постигнаа со Комисијата за хартии од вредност на САД.
Дел од договорот беше и креирање на посебна комисија составена од независни директори во компанијата, комисија која треба да почне да внимава што е тоа што Маск го објавува во јавноста, а посебно на Twitter, каде што е најмногу активен.
Со оглед на тоа што договорот со SEC не стапува официјално на сила додека не е потврден од федерален судија, информациите говорат дека комисијата би била формирана за околу 80 дена.
Немањето на комисија која ќе внимава на неговиот настап, а најверојатно и потребата да се договори со SEC поради еден Tweet, го мотивира Маск повторно да излезе на Twitter, овој пат подбивајќи се со Комисијата за хартии од вредност.
Just want to that the Shortseller Enrichment Commission is doing incredible work. And the name change is so on point!
— Elon Musk (@elonmusk) October 4, 2018
Во твитот тој го менува значењето на кратенката на комисијата, SEC, па наместо Securities and Exchange Commission, тој ја нарекува Shortseller Enrichment Commission. Не би можело ова некако точно и директно да се преведе, меѓутоа значењето е во правец на тоа дека комисијата овозможува богатење на акционерите кои „играат“ на пазарот на хартии од вредност со брзо продавање на акциите.
Дали овој нов твит ќе му донесе дополнителни проблеми на Маск ? Не би требало, затоа што за разлика од претходниот твит, во овој случај нема нешто што може да личи на противзаконско.