
Црните дупки се космолошки објекти кои претставуваат огромно згуснување на материјата во многу мал простор. Поради тоа тие имаат огромно гравитационо поле со кое предизвикуваат дури и виткање на светлината која поминува покрај нив. Всушност, ова е начинот на кој можеме да ги видиме бидејќи тие имаат ретки емисии (како Хокингова радијација на пример).
Една од емисиите на црните дупки која досега беше шпекулирана е емисијата на силно магнетно поле. За жал, ова досега не беше можно да се открие лесно, туку овој ефект беше забележан на огромни далечини од црните дупки по ефектот на магнетното поле врз други вселенски објекти.
Црните дупки емитуваат и моќни плазма емисии кои се насочени по ротационата оска на акрециониот диск. Сега научниците користејќи го ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) успешно ја анализираат светлината која се наоѓа близу хоризонтот на случувањата. Според нивните наоди, анализираната светлина е силно поларизирана. Кога природно е поларизирана, ваквата светлина може да се користи да се мерат магнетни полиња бидејќи практично некој силно магнетизиран објект ја менува поларизацијата.
„Од посебна важност е набљудувањето на ротационата мерка, РМ, дефинирана како промената на поларизациониот агол како фунција на квадрат од брановата должина. Оваа големина е директно поврзана со густината на плазмата и силината на магнетното поле по линијата на видик“, пишуваат авторите во студијата.
Практично, светлината пред да стигне до нас патувала многу блиску до црната дупка низ предели со високо-магнетизирана плазма која ја променила нејзината поларизираност. Ние преку набљудување на оваа промена можеме да ја измериме јачината на магнетното поле (за прв пат, и тоа преку ALMA), а преку тоа недиректно да процениме колку плазма исфрла некоја конкретна црна дупка.
Извор: IFLScience, ESO.org