3I/ATLAS е името на вселенското тело кое поминува низ нашиот сончев систем изминатиот период. Се работи за комета која доаѓа надвор од нашиот сончев систем, но интересно, се добива впечаток како да нема сигурен консензус дека навистина се работи за комета.
Името на кометата го означува фактот дека се работи за третото вселенско тело кое доаѓа надвор од сончевиот систем, односно „3rd Interstellar“, додека ATLAS е името на телескопот кој ја откри кометата на 1 јули оваа година.
Според некои луѓе, вклучувајќи и професор од Харвард, ова не е комета, а однесувањето на телото покажува одредени „сомнителни“ карактеристики поради што се верува дека се работи или за вселенски брод или за нешто што ќе ни открие целосно нови правила за ваквите тела.
Сепак, од NASA тврдат дека се работи за комета, па тие конечно објавија и повеќе слики кои ја прикажуваат, а се снимени од 12 различни уреди од агенцијата на различни позиции.
Од агенцијата објавија видео преку кое ги објаснуваат сите прашања поврзани со 3I/ATLAS, а ги прикажуваат и сите слики. Видеото можете да го погледнете во продолжение.
Од NASA исто така објавија и страна преку која може да се следи моменталната локација на кометата, како и предвидувањето каде ќе се движи во месеците што следат.











































