Оваа година нешто подоцна, но Google официјално започна со пуштање на најновата верзија од Android за корисниците на Pixel уредите. Отворената верзија од Android 15 стана достапна минатиот месец, па оваа новина сега се однесува на верзијата која Google им ја пушта на своите Pixel корисници.
Тоа значи дека доцнењето кое го има и од останатите производители не може да се оправда со доцнењето на Google, па оваа година повторно се враќаме на стандардното чекање кога нашиот уред може да ја очекува најновата верзија од Android.
Доброто е што за разлика од порано, новините не се толку драстични, па и моменталната верзија која корисниците ја имаат е доволно добра, а разликите со најновата не се до толку лесно забележливи.
Корисниците на Samsung можат да ја очекуваат Android 15 верзијата преку One UI 7 дури од почетокот на идната година по претставувањето на Galaxy S25 серијата, тренд кој мислевме дека веќе одамна е завршен.
Главните новини кај Android 15 се вртат околу безбедноста на оперативниот систем, а корисничкиот интерфејс е скоро ист како кај претходната верзија. Достапни се уште неколку нови функции кои ќе го направат Android подобар систем за корисниците.
Една од новините која Google посебно ја истакнува е новата функција со вештачка интелигенција за заштита од уредот при кражба. Theft Detection Lock успева да забележи кога уредот е украден од сопственикот, па автоматски да го заклучи и заштити личните податоци на корисникот.
Android 15 додава уште неколку дополнителни заштити кои треба да го оневозможат откривањето на лозинката од страна на тие кои го имаат украдено телефонот.
Новата верзија од Android додава и нов „приватен простор“ во кој корисниците ќе можат да ги „кријат“ своите лични податоци, апликации, документи и слично, каде ќе им останат достапни само на нив заштитени со посебен пристап.