Google е во фаза на тестирање можност за инсталирање на Android апликации директно од нивната Search апликација, наместо преку Play Store.
Ова може да се каже дека е наредниот чекор од сегашната можност за директно отворање на одредена апликација во Play Store од резултатите од пребарување. За тоа веќе одамна е додадено копче кое се прикажува до резултатите, чие што притискање ја отвора продавницата директно на апликацијата која што е пребарувана, па корисниците можат веднаш да ја инсталираат.
Со новата можност, се скратува и овој чекор, односно наместо притискањето на апликацијата да го носи корисникот во Play Store, апликацијата веднаш започнува со процесот на инсталација.

Исто како во претходниот случај, при пребарување на одредена апликација, доколку истата е популарна и е прикажана во резултатите, до истата ќе стои копчето Install. Корисниците повторно ќе можат да ги видат дозволите коишто ги бара апликација, но во посебен прозор, наместо во Play Store.
Оваа можност се’ уште не е официјално претставена од Google, односно постепено се појавува кај одредени корисници.
Кога се обидовме да ја тестираме можноста на нашиот Android уред, истата не беше достапна, па останува можноста како и обично, ваквите работи да се тестираат и пуштаат прво во САД, па за остатокот од светот.
Извор: TNW, AndroidPolice