Apple оваа недела ја одржува својата WWDC конференција и како секогаш, првиот ден е тој што нас ни е најинтересен поради презентацијата на новите верзии од нивните оперативни системи.
iPadOS 18 донесува неколку интересни новини, но не се остварија надежите на одредени луѓе дека овој систем ќе го направи iPad Pro многу подобра лаптоп замена. Apple сепак сака корисниците да продолжат да ги купуваат MacBook и iPad уредите заедно.
Како што би се очекувале, голем дел од новините кои ги добива iPadOS доаѓаат од iOS, па iPadOS 18 ги добива одличните нови можности за измена на главниот екран, односно поставување на иконите на било која позиција и можност за промена на нивната боја.

iPadOS 18 исто така го добива и новиот контролен центар кој сега е поделен во дополнителни категории со кои може конкретно да се дојде до одредени контроли. Исто така, програмерите добиваат можност да додадат контроли од своите апликации во овој дел од системот.
Главното внимание го привлече додавањето на Calculator апликацијата кај iPad, па иако тоа делува како смешна работа, сепак Apple ја направи со доволно напредни функции за да се оправда вниманието.
Корисниците ќе можат, со помош на Apple Pencil, да внесуваа математички задачи, а нивниот уред автоматски ќе ги реши. Тие можат да бидат и посложени, а поддршка има и за варијабли, нивна измена, како и креирање на графикони.
Доста интересна новина која доаѓа кај Notes апликацијата, но и кај други кои поддржуваат пишување со Apple Pencil, e Smart Script. Оваа функција во основа го подобрува ракописот на корисникот со израмнување и оформување на тоа што го има напишано за подобро да се чита. Стилот, односно ракописот на корисникот останува, а достапни се и неколку можности за измена и додавање на текст.
iPadOS 18 донесува и промена кај прикажувањето на лентата со менија кај апликациите. Истата е префрлена на горната страна и зафаќа мал дел од екранот, а кога треба да се прикажат повеќето од опциите, автоматски се префрла на левата страна како што е моментално достапна. Корисниците ќе можат да ја прилагодуваат лентата со опциите кои би сакале да стојат на истата.
Корисниците на iPad секако ја добиваат и редизајнираната Photos апликација, а тука се и новата Passwords апликација, како и новите категории кај Mail апликацијата.
Сите новини кои се дел од останатите системи, а се поврзани со генеративната вештачка интелигенција доаѓаат и кај iPad уредите, односно Apple Intelligence интеграцијата е тука и за овие уреди.