Џор Просер објави видео преку кое го претставува новиот изглед кој треба да го донесе iOS 19. Со оглед дека веќе пишував на таа тема и во видеото не видов нешто посебно ново, не го објавив, а во меѓувреме Просер објави ново видео.
Интересно е што по објавата на првото видео познатиот Марк Гурман изјави дека iOS 19 нема да изгледа така и дека Просер или има неточни информации или овие целосно ги има измислено.
Просер го споменува ова во најновото видео и истакнува дека тој објавува тоа што му е покажано и никогаш не тврди дека е најновата информација. Исто така, дизајнот кој го прикажува во видеата е направен од негова страна со цел да ги заштити луѓето кои му ги даваат информации.
Во едно се сложуваат Просер и Гурман, а тоа е дека iOS 19 ќе биде доста голема надградба, односно Apple планира доста големи промени кај корисничкиот интерфејс. Се очекуваат промени кои до некаде се инспирирани од visionOS, односно повеќе проѕирни елементи, но и додатни промени.
Во видеото од Просер во продолжение може да се видат дел од овие новини, а покрај поголемо заоблување кај иконите, може да се види и нов стил на лентите за навигација кај апликациите, нешто што веќе го гледаме кај iPadOS. Според Просер, овој нов стил ќе биде наречен TabView и дефинитивно изгледа одлично.