Дафне Колер е ко-основач на Coursera, платформата која донесе револуција во онлајн образованието со тоа што беше прифатена од сите светски универзитети и им дозволи на луѓето да запишуваат курсеви од дома, да слушаат предавања од реномирани професори и на крајот да добијат официјално признати сертификати, а да не мора да бидат запишани како редовни студенти. Дафне е исто така и професорка на Стенфорд и мајка на средношколец, па има прилика да ја доживее ситуацијата со образованието во време на пандемија од двете страни.
Многу образовни институции брзо се свртеа кон Zoom како алтернатива за онлајн образование, но времето покажа дека оваа платформа има многу недостатоци. Дафне исто така го увидела ова, па создава нова платформа која би ја заменила Zoom и е создадена конкретно за таа намена – онлајн образование.
Платформата се нарекува Engageli и веќе е понудена како тест верзија на познатите универзитети кои што покажуваат интерес.
Дафне се консултирала со колегите и дошле до заклучок дека тоа што најмногу недостасува при онлајн наставата е контактот кој го има професорот со ученикот, односно увид во присутноста и ангажираноста на ученикот во предавањето и работата на часот.
Решението кое Engageli го нуди е делење на учесниците во предавањето на мали групи, кои во пракса би делувало како да седат на една заедничка „маса“ каде што може меѓусебно да дискутираат на темите за кои зборува професорот, да фаќаат прибелешки и да поставуваат прашања. Со ова тие би ја покажале својата активност и присуство на часот, а бидејќи сите овие податоци ќе бидат статистички зачувани, професорот би добил повратен одговор за тоа колку предавањата се интересни за учениците, дали треба да ја промени темата или да ги ангажира во наставата за да им го задржи вниманието преку квизови и анкети кои исто така ги нуди платформата.