Во главно може да се каже очекувано, iPhone Air не се продава баш добро, па веќе има информации дека Apple поради тоа не планираат втора верзија од телефонот, иако според одредени извори, од компанијата сепак ќе претстават iPhone Air 2 во 2027.
Како и да е, слабата продажба на овој тенок телефон наводно ги има променето плановите на кинеските производители кои планирале да претстават свои конкурентни модели. Тие сега ги паузираат или целосно откажуваат плановите, па изгледа не треба да очекуваме доста тенки телефони од Xiaomi, Oppo, Vivo и другите.
Ситуацијата не е ништо подобра ни кај Samsung, па неофицијалните информации не го ни споменуваат Galaxy S26 Edge како телефон кој би бил претставен на почетокот од идната година заедно со Galaxy S26 серијата.
Што се однесува до слабата продажба на iPhone Air, тоа воопшто не доаѓа како изненадување. Главните проблеми со овој телефон се што цената е доста висока, а корисниците не добиваат повеќе од една камера на задната страна, телефонот има само еден звучник и доста слаба батерија.
iPhone Air дефинитивно изгледа одлично, но мислам дека доколку Apple ставеше барем две камери на задната страна, телефонот многу подобро ќе се продаваше.
Ова се споменува и како дел од шпекулациите, па наводно iPhone Air 2 ќе има и втора камера, како и поголема батерија.
Доколку најновите информации за iPhone Fold се покажат како точни, барем во делот за користење на батерија со поголема густина, истото би било случајот и со iPhone Air 2, па тогаш уредот веќе нема да има проблем на овој план.













































