Веќе не поминува ниту месец, а Microsoft да не лансира нов Windows Phone уред на пазарот. Софтверскиот гигант е многу сериозен во зголемувањето на присуството на нивниот оперативен систем во колачот каде доминираат Android и iOS, а новата Lumia 540, веројатно е најдобро опремена досега за да го направи тоа.
Се работи за паметен телефон од ниската класа, кој е директен наследник на Lumia 535. Брзото лансирање на нов уред веројатно се должи на проблемите на 535 со екранот на допир, кој не секогаш ги регистрира прстите и особено јавува проблеми при допирање во повеќе точки. Сепак, подобрувањата кај Lumia 540 нема да бидат само во тој дел, туку подобрени се и неколку други спецификации, кои треба да го подобрат Windows Phone присуството.
Така, назад е вградена нова камера со 8 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели. Под поклопецот, чипсетот е целосно преземен од 535, со Snapdragon 200 процесор со четири јадра и брзина од 1,2 GHz, помогнат од 1 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци. Ваквиот процесор би требал да понуди солидни перформанси, особено поради тоа што Windows Phone работи мазно и без прекини и на послаби чипови.
Екранот има големина од 5 инчи, што е веројатно е стандардот денес, но за разлика од претходникот, ќе има 720p резолуција (1280х720 пиксели), што е доволно за 294 пиксели по инч. Батеријата ќе има капацитет од 2200 mAh, што со оглед на спецификациите, веројатно е доволно за телефонот да истера еден ден користење. Како и секоја Lumia и 540 ќе се нуди во неколку бои и тоа Светло сина, Портокалова, Бела и Црна, а во пакет со телефонот доаѓа и 30 GB простор за складирање податоци на OneDrive. И како и скоро секој евтин Lumia телефон и овој ќе се нуди во Dual SIM варијанта.
Цената на Lumia 540 ќе изнесува 149 долари, што е навистина достапно со оглед на перформансите, а особено поради тоа што телефонот е спремен за надградба на новиот Windows 10 оперативен систем, за разлика од евтините Android телефони, кои обично остануваат на фабрички вградениот софтвер. Во почеток, новиот Microsoft смартфон ќе се нуди на пазарите во Индија и Кина, но се очекува да пристигне и на другите пазари во развој, каде веројатно спаѓа и нашиот.
Извор: Windows Central