Паметните телефони полека, но сигурно ги стигнуваат лаптопите кога е во прашање рам меморијата, иако за многумина нема вистинска потреба од тоа. На пример, новиот OnePlus 3 има масивни 6 GB рам, кои делуваат одлично на хартија, но во пракса овој телефон користи само 4 GB рам меморија.
Според OnePlus ова е направено за да се продолжи траењето на батеријата, која со 3.000 mAh и не е претерано голема. Кернелот, односно софтверот кој е мостот меѓу хардверот и оперативниот систем, дозволува користење на само 4 GB од таа меморија, исто колку што имаат скоро сите главни конкуренти на кинескиот модел.
Што значи ова? Разликата во перформанси можеби е мала, но сигурно поголеми апликации, како на пример игрите, подолго би останале активни со рам доколку беа достапни тие плус 2 GB рам меморија, односно нема да треба да се вчитува цела игра повторно кога ќе се вратите на неа.
Но, тогаш зошто OnePlus воопшто има вградено 6 GB рам меморија? За оние кои се подготвени да ја активираат преку инсталирање на друг ROM (или со правење измени во build.prop). На овој начин OnePlus изгледа сака да ја активира заедницата и да им понуди вистинска причина да развиваат други ROM-ови за овој телефон, но навистина, подобро ќе беше целата меморија да биде достапна за сите корисници (и OnePlus да вградеше малку поголема батерија).
На крајот на краиштата, кога ќе го купите телефонот на кутијата пишува дека тој има 6 GB рам и се очекува тој вистински да ја користи целата таа меморија. Ова е истата ситуација како со капацитетот на просторот за складирање податоци, каде производителите мора да напишат дека помалку од означениот простор е достапен на корисникот. Дали ова треба OnePlus да го направи и со рам меморијата? Дефинитивно!
Извор: TechnoBuffalo, GSMArena, 9 to 5 Google