Изминатите денови на X и GitHub се шират примери како корисниците со помош на агенти за програмирање, најчесто Claude Code, ги исклучуваат рекламите, следењето и однапред инсталираните апликации на своите паметни телевизори. Сè почна на 16 октомври, кога Рајан Дојл објави дека Claude Code му го „исчистил“ телевизорот, а потоа и колку побрзо работи.
Ден подоцна програмерот Гатин Т. напиша дека телевизорот Xiaomi на неговите родители прикажувал спонзорирана реклама уште пред да стигнат до Netflix. Според него, Claude Code го пронашол телевизорот на Wi-Fi мрежата, исклучил 25 пакети на Xiaomi и напишал нов почетен екран што личи на Apple TV.
Упатството и алатките ги објави на GitHub во проектот cleanyourtv, првично наречен tv-vibehack, кој за три дена собра над 7.000 ѕвезди и листи за 92 модели телевизори.
Android TV и Google TV ја имаат истата алатка за дебагирање („ADB“) како телефоните, па откако ќе се вклучи „USB debugging“, агентот од компјутер на истата мрежа ги листа апликациите и ги исклучува со командата „pm disable-user“. Ништо не се брише, а проектот прво прави резервна копија и скрипта за враќање.
Самиот метод сепак не е нов. Корисниците со години рачно исклучуваат апликации преку „ADB“, а почетниот екран го менуваат со апликации како Projectivy Launcher или FLauncher. Новото е што агентот сам ги наоѓа пакетите и ги пишува командите, па постапката е подостапна за луѓе што не би ја направиле рачно.
Ова најдобро работи на телевизори со Android TV и Google TV, како Sony, TCL, Xiaomi и Hisense. Samsung и LG имаат сопствени системи на кои исклучувањето пакети не е можно, а и новите Philips модели од оваа година работат со Titan OS.
Ризици сепак има. Ако се исклучи погрешен пакет, телевизорот може да остане со црн екран и далечинско што не реагира, или копчето Home да отвора фабричка апликација за тестирање, а еден корисник според TechCrunch напишал дека телевизорот му станал неупотреблив. Повеќето листи го исклучуваат и сервисот за ажурирања, па нема поправки, а „ADB“ пристапот треба да се исклучи по завршувањето, бидејќи преку мрежата е нешифриран.
Следењето преку телевизорите веќе беше тема по истражувањето на Gamers Nexus за LG. Не е познато дали производителите ќе одговорат, бидејќи рекламите и податоците за гледање им носат приход.






































