Фото: Shutterstock.com

Microsoft минатата недела објави дека ќе го „пензионира Office Online Server“ производот, а на компаниите ќе им овозможи доволно време за да најдат алтернатива, со оглед на доста сериозниот процес на префрлување. 

Одлуката е целосно очекувана и за корисниците ќе значи насочување кон користењето на Microsoft 365, односно насочување кон сервисите во „облакот“ на компанијата. 

Тука посебно треба да се истакнат и функциите со вештачка интелигенција кои се дел и целосно наметнати како дел од „облакот“, па корисниците кои досега успеваа да „одолеат“ на овој тренд, изгледа ќе мора да бараат други и повеќе отворени решенија. 

Office Online Server е производ кој им овозможува на компаниите да креираат пристап до Word, Excel, PowerPoint и OneNote преку веб, но преку нивни сервери, а не преку серверите од Microsoft. 

Веднаш станува јасно колку оваа можност е важна за одредени бизниси, како и институции, па префрлувањето на Microsoft 365, покрај тоа што е сериозен процес, за доста може да претставува и целосно неприфатлив процес. 

Од компанијата истакнуваат дека крајот на поддршката ќе започне од 31 декември 2026 година, а истото ќе подразбира крај на безбедносните надградби, исправки на грешки и слично.

Поврзаните сервиси, како Exchange Server Subscription Edition, ќе продолжат да функционираат, односно оваа новина се однесува само на Office Online Server.