PowerToys е апликација од Microsoft која мислам дека нема напреден корисник, кој не е префрлен на Linux или macOS, која не би му препорачал дека „мора“ да ја користи.
Истата, како што повеќе пати досега пишувавме, додава доста додатни функции на Windows, меѓу кои можеби најпопуларна е Command Palette, која додава функција како Spotlight во macOS, односно Albert апликацијата која е популарна и достапна на сите платформи.
Од компанијата сега тестираат нова доста интересна и корисна функција во PowerToys, која е дел токму од Command Palette, а истата додава уште една лента, покрај „таскбар-от“, која корисниците можат да ја постават на која сакаат страна од екранот, а Windows го прави доста посличен со macOS и некои Linux дистрибуции доколку биде поставена на горната страна.
Новата функција е наречена Command Palette Dock и преку истата корисниците можат да ги постават дел од „екстензиите“ кои се дел од Command Palette функцијата.
На оваа лента можат да се постават работи како контрола за музиката, информации за ресурсите на компјутерот и уште доста други кои секако им се познати на активните корисници на Command Palette.

Лентата, односно „докот“, може и да се прилагодува според желбите на корисниците, односно тие можат да ја менуваат позицијата на било која страна од екранот, да ја менуваат бојата, позадината, поставеноста на иконите, односно информациите и повеќе.
Засега оваа новина само се тестира, па зависно од реакциите на корисниците на GitHub, ќе видиме дали ќе биде официјално пуштена.
Објавата од Microsoft за оваа новина, заедно со неколку кратки примери и видеа, можете да ја погледнете на GitHub.










































