Што е главната ограничувачка работа кај денешната технологија? Токму така – катастрофалните батерии. Имаме лаптопи кои можат да пресметуваат ефекти на нуклеарна експлозија и електрични возила кои имаат забрзување од 1,1 G, но можат да издржат само неколку часа работа или неколку стотици километри автономија.
Ова е особен проблем со електричните возила бидејќи нема баш на секој чекор соодветен полнач за нив, а никое кафуле туку така нема да ви дозволи да си го полните автомобилот од штекер (за разлика од телефонот). Како и да е, Елон Маск верува дека на таквите проблеми полека им доаѓа крајот.
Според него, развитокот на капацитетот на батериите се движи со брзина од 5 – 10% годишно, што значи дека за неколку години би требало значително да се развие, па дури и удвои.
Според Маск, веќе луѓето успеале да постигнат 800 километри автономија на Model S со возење на ниска брзина, што според некоја пресметка би можело да се претвори во околу 1.200 километри автономија до 2020 година. Иако реалната и практичната километража веројатно ќе биде доста пократка, сепак, со едно полнење да се постигнат барем 600 – 700 километри веќе влегува во рангот на просечно возило со просечна потрошувачка на гориво и тоа без земање предвид подобрувањата во ефикасност, полесни материјали и слично.
Тоа значи дека електричните возила ќе влезат во рангот на прифатливи возила за редовно возење, а со намалувањето на цената поради конкуренцијата ќе почнеме да ги гледаме се` почесто на нашите улици. Во ред, можеби не баш на нашите, но во развиените земји дефинитивно.