person pressing the button of a remote control
Фото: Karola G на Pexels.com

Како што од компанијата најавија на годинешниот CES настан, од LG започнаа со автоматска инсталација на Copilot апликацијата од Microsoft кај дел од нивните телевизори, најчесто понови модели. 

Информацијата засега доаѓа од корисници на телевизорите од LG кои го пријавуваат ова, а со тек на време повеќето корисници ќе можат да видат дали ова ќе биде случајот и за нивниот модел. 

Веднаш е јасно зошто оваа информација привлекува внимание, па наместо Copilot апликацијата да биде достапна за инсталирање, истата им е „наметната“ на корисниците без тие тоа да го изберат. 

Според информациите, апликацијата не може да биде избришана, што значи дека истата мора да биде достапна, а не сме сигурни дали и какво влијание тоа може да има и на приватноста. 

Microsoft продолжува во стилот кој го започна уште од „појавата“ на генеративната вештачка интелигенција, па скоро и да нема производ во кој тие немаат направено интеграција. Кога Copilot е дел од Notepad апликацијата, јасно е колку сериозно од компанијата сакаат ВИ да биде секаде. 

Корисниците веќе почнаа и да ја критикуваат компанијата, а некои со право истакнуваат дека односот на Microsoft ги носи корисници кон Linux и macOS. 

Надградбата донесува и функција која е поврзана со ВИ, а истата прави „скенирање“ на се што се наоѓа на екранот од корисникот со цел подобрување на искуството и секако овозможување на реклами. 

Оваа функција изгледа дека сепак може да биде исклучена. 

Паметните телевизори, кои беа одличен напредок во оваа област, сега полека прават да корисниците сакаат да купуваат „обични“ телевизори, а на нив да додадат уред како Apple TV или некој од големиот број на Android уреди.