welt-9

Наскоро, сите работи што ќе ги носиме на себе ќе бидат паметни, барем ако појдеме од Welt ременот од инженери од Samsung, кој може константно да го мери обемот на вашиот струк и чекорите и според тоа да ви дава совети за да намалите со исхраната или да почнете повеќе да се движите.

Ременот инаку изгледа прилично стандардно – изработен е од кожа и има метален дел за закопчување. Лично не би имал проблем да го носам во скоро секоја комбинација – изгледа минималистички и воопшто не се издава дека е всушност парче технологија.

welt-11

Сепак, во него има вграден сензор кој може да процени дури и најмала разлика во зголемувањето на обемот на вашиот струк во периоди од 30 минути. Ова значи дека дури и во текот на јадењето, Welt може да оцени кога сте претерале со него и ќе ве предупреди за престанете. Во Welt е вграден и педометар кој ќе ги мери чекорите, можност која веќе ја имаме и во нашите паметни телефони. Информациите од Welt можат да се видат во посебна апликација за Android и iOS, а уредот има и батерија од 90 mAh, која трае до 20 дена.

Welt е инаку Kickstarter кампања, која е произлезена од Creative Lab Projects стартап иницијативата на Samsung. Креаторите на ременот велат дека сѐ уште имаат блиска соработка со корејскиот гигант. Цените се движат од 69-129 долари зависно од материјалот од кој е изработен ременот, а ќе има и попуст при купување на повеќе ремени доколку сакате да имате различен ремен за различна пригода. Првите примероци треба да бидат испорачани во јануари.

Извор: TechnoBuffalo, TechCrunch, ZDNet

Претходна статијаLG V20 е првиот телефон со вграден Android Nougat, наменет за аудиофилите
Следна статијаНовиот Google+ дизајн вклучен за сите корисници