Фото: Европска Комисија

Европската комисија официјално објави дека новата апликација за верификација на возраста на ниво на целата Унија е технички подготвена за имплементација. Според претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, оваа алатка ќе им овозможи на корисниците да ја докажат својата возраст при пристапување до онлајн услугите, слично на покажувањето лична карта при купување во физичките продавници. 

Овој чекор е дел од напорите за поголема заштита на малолетниците во дигиталниот простор и построго спроведување на Законот за дигитални услуги кој бара ригорозни контроли од страна на интернет платформите.

Техничкото решение се потпира на софтвер со отворен код кој користи криптографски доказ со нула знаење. За да функционира, граѓаните ќе треба да ја поврзат апликацијата со официјален државен документ како пасош или лична карта. Европските претставници тврдат дека благодарение на оваа архитектура, корисниците ќе можат да потврдат дека се полнолетни без да им го откриваат својот вистински идентитет на веб страниците. Системот е дизајниран да гарантира дека платформите нема да можат да ги следат активностите на корисниците или да создаваат нивни профили врз основа на овие податоци.

За почеток барем, оваа апликација е замислена да се користи за веб страните кои не се соодветни за лицата под 16 години, како страните со порнографска содржина, коцкање и слично, а се планира и забрана за користење на социјалните мрежи под оваа возраст.

Сепак, надвор од официјалните најави на Унијата, ИТ експертите и застапниците за дигитални права предупредуваат на можните долгорочни последици. Иако криптографијата обезбедува високо ниво на заштита, задолжителното поврзување на онлајн активноста со државни документи за идентификација претставува фундаментална промена во концептот на интернетот. Постои реален ризик од постепено проширување на употребата на оваа алатка и за други онлајн сервиси, што трајно би ја нарушило можноста за вистинска анонимност и отвореност на интернетот.

Дополнително, потпирањето на национални системи за дигитален идентитет создава нови точки на ранливост кои можат да бидат цел на софистицирани сајбер напади, ставајќи ги чувствителните податоци на граѓаните под постојан ризик.

Во изјавата од страна на фон дер Лајен се прави споредба со апликацијата која беше достапна во време на Ковид кризата, преку која се докажуваше статусот на вакцинација. Оваа споредба не оди баш во прилог на новата апликација и само покажува дека нејзината имплементација не е нешто што е генерално добро.