Фото: Google

Google претстави нова функционалност која им овозможува на корисниците да ја користат сопствената камера за креирање „селфи видео“ како дополнителен метод за најавување на нивните сметки. 

Оваа опција е дизајнирана примарно како резервно решение кое помага доколку корисниците бидат одјавени и го изгубат пристапот до нивната сметка или пак во моментот немаат пристап до нивниот вообичаен телефон или компјутер. Наместо стандардните методи за потврда, системот сега нуди можност за обновување на пристапот со едноставно снимање на сопственото лице.

Поставувањето на овој нов систем за верификација се одвива преку камерата на уредот, при што корисникот добива инструкции да изврши неколку кратки, насочени движења со главата, нешто слично на првичното прилагодување на Face ID од Apple.  

Овие движења му овозможуваат на системот да го регистрира лицето од повеќе различни агли. Доколку подоцна се појави проблем со најавувањето, од корисникот се бара да сними ново „селфи видео“. Системот потоа го споредува новото видео со она што било снимено за време на првичното поставување, со цел прецизно да го потврди идентитетот и да овозможи пристап до профилот.

За да се спречат обидите за измама, вклучително и употребата на лажни фотографии или „deepfake“ видеа, процесот вклучува повеќе безбедносни слоеви. Барањето за извршување на едноставни движења служи како доказ дека станува збор за видео кое се снима во реално време, а компанијата ги применува и стандардните безбедносни практики за откривање на сомнителни обиди за најава. 

Корисниците ја задржуваат целосната контрола врз своето видео, кое се снима и се складира исклучиво со нивна согласност и е шифрирано кога не се користи. Видео материјалот се употребува само за помагање при процесот на најавување, освен ако корисникот експлицитно не се согласи да го сподели за дополнителни намени. 

Исто така, записот може да биде избришан во било кое време преку поставките на корисничката сметка. 

Овој новитет се надоврзува на веќе постоечките опции за сигурно најавување, како што се „passkey“ автентикацијата и контактите за враќање на сметката.

Вклучувањето на оваа функција, односно проверката дали е достапна, може да се направи преку овој линк.