Фото: Cloudflare

Во текот на 18ти овој месец, односно во вторникот, повеќе светски веб страни и сервиси, како и македонски, не беа достапни неколку часа. За кратко можеше да се открие од каде доаѓа проблемот, а истиот беше лоциран кај познатиот сервис Cloudflare. 

Поради „симптомите“ кои ги откриле во компанијата, првично верувале дека се работи за DDoS напад или за некој сличен малициозен пад, но сепак на крајот испаднало дека се работи за обична грешка во нивните системи. 

Cloudflare, преку посебна објава, ги објасни причините за падот на нивните системи, а со тоа и на голем дел од страните во светот. 

Се работи за промена во дозволите за пристап до датотеките во базата на податоци, поради што една датотека има добиено повеќе од што треба внесови, па нејзината големина се дуплирала. Новата големина на датотеката била над дозволеното за тој систем, поради што дошло до „пад“ на целиот систем поврзан со менаџирањето на „ботови“. 

Од Cloudflare објавија детално техничко објаснување за случајот, па истото може да се прочита тука.

Со оглед на популарноста на Cloudflare паднати беа доста веб страни и сервиси, меѓу кои и X мрежата, ChatGPT, а кај нас можеше да се забележи пад на time.mk, како и други страни. 

Cloudflare дури се извинија за случајот истакнувајќи: „Жал ни е за влијанието врз нашите клиенти и врз интернетот воопшто. Со оглед на важноста на Cloudflare во интернет екосистемот, секој прекин на кој било од нашите системи е неприфатлив. Тоа што имаше период кога нашата мрежа не беше во можност да го насочи сообраќајот е длабоко болно за секој член на нашиот тим. Знаеме дека денес ве разочаравме.“