Пред неколку месеци Елон Маск ги претстави најновите модели на електрични автомобили Тесла. Новите автомобили се супер брзи и енергетско ефикасни, но една од поинтересните функции промовирани како дел од новите возила доаѓа во форма на вештачки интелигентен систем наречен “автопилот”. Автопилотот е автоматизиран систем за возење првенствено наменет за да спречи сообраќајни несреќи способен за паметно препознавање на стоп знаци, пешаци и физички бариери на патиштата.

Дали светот е спремен за вакви возила?

Иако иновативен, автопилотот предизвика дебата во врска со последиците во однос на прашања од одговорност во случај на сообраќајна незгода во кои е вмешан или пак директно предизвикани од страна на Тесла автомобил, или други самоправувачки возила. Google веќе тестира свои автономни возила. Џенерал Моторс, Тојота, Нисан и BMW, исто така планираат да развијат автономни, самоуправувачки автомобили во блиска иднина.

Маск (со право) тврди дека засега, одговорноста почива исклучиво кај возачот, а не на компанијата што ги произведува, бидејќи Автопилотот се потпира на човековиот суд, кој е неопходен за да може возилото доа стигне до саканата дестинација “Мислам дека на клиентите треба да им биде сосема јасно дека одговорноста останува кај возачот. Ние не тврдиме дека автомобилот е способен за возење во отсуство на надзор од возачот. ”

Google зазема малку поразличен став, велејќи дека каква било одговорност во несреќи кои ги вклучуваат нивните автономни автомобили лежи кај Google, а не кај поединецот зад воланот, кој не е одговорен за возење на автомобилот кога се случила несреќата.

Иако сме среќни што сме сведоци на иновативноста која ја промовираат автономните автомобили, се уште сме години далеку од тоа да ги видиме овие возила на патиштата (на македонските најверојатно и децении се во игра). Сепак, првиот важен чекор беше направен во 2012 година, кога Џери Браун, гувернерот на Калифорнија во Соединетите Американски Држави потпиша уредба врз чија основа беа изработени упатства за безбедност и перформанси за автономните возила. Што е уште поважно, истата беше склучена заедно со  ко-основачот на Google Сергеј Брин, со што се дозволи тестирањето на самоуправувачките возила на јавните патишта.

Само четири држави (Калифорнија, Невада, Мичиген и Флорида), имаат усвоено такви прописи досега (наспроти европските држави, кои немаат ниту еден таков пропис). Американските граѓани и понатаму се скептични, при што 9 од 10 американски државјани рекоа дека се плашат од возење во автомобил без возач-човек. Би можело да се претпостави дека тој скептицизам доаѓа од постарите возачи, но анкетите покажуваат дека дури 84 отсто од возачите на возраст од 18 до 34 години, исто така, изразиле загриженост во врска со безбедноста на софтверот кој ќе биде задолжен за управувањето на овие автомобили.

На европскиот фронт, Велика Британија полека, но сигурно ги прегрнува овие технологии, и се очекува годинава таму на улиците да се појави првиот автономен автомобил. Шведска веќе им дозволи на Volvo да инсталираат и тестираат самоуправувачка технологија во своите возила.

Поглед кон иднината

Патот кој лежи пред нас има две насоки: Прво, исклучително е важно законот да фати чекор со технолошките достигнувања и откритија, за да може да се спречи правниот хаос и да се постави солидна законска рамка пред да дојде до несреќи кои вклучуваат автономни автомобили,  и загуба на човечки животи.

Второ, спроведувањето на овие технологии зависи од довербата на граѓаните и законодавците во самоуправувачката технологија, односно дали тие ќе се чувствуваат безбедно “да го предадат воланот” на вештачки интелигентен систем. Новите технологии се секогаш дочекани со скепса, како што тоа се покажало повеќе пати низ историјата. Само времето ќе покаже дали ова ќе биде слична приказна.

А каде навистина лежи одговорноста?

Со автомобили со вградени автоматизирани системи (како тие во Тесла возилата), ситуацијата е доволно јасна – возачот е обично одговорен за какви било инциденти кои ќе се случат на патот, во отсуство на техничка и/или механичка грешка. Меѓутоа, во случај на автономен систем кој работи сам и кој носи заклучоци и презема автономни дејствија, работите се малку посложени. Во овој случај, производителот има поголема одговорност бидејќи е задолжен за состојбата и развојот на софтверот кој ги контролира овие возила.

Ако не успееме да правилно и навремено да се справат со овие прашања, ризикуваме да се најдеме во ситуација каде што ќе „фрчат“ тужби на сите страни, а судовите ќе си имаат полни раце работа поради нејаснотиите што постојат околу одговорноста во случај на незгоди. Кога не може да се обвини никој друг, секогаш кривецот ќе се бара кај производителот, а можните огромни отштети ќе ја намалат нивната операбилност, а со тоа и порастот на оваа иновативна индустрија. На крајот, потрошувачите нема да можат да уживаат во плодовите на технолошки достигнувања кои ги гледаме во се повеќе аспекти од нашиот современ живот.

Претходна статијаWindows 10 тест верзиите ќе продолжат и по финалната верзија
Следна статијаFacebook ќе хостира содржина од други веб страни?