Компанијата зад познатиот интернет прелистувач фокусиран на приватноста претстави нова верзија наречена Brave Origin, дизајнирана за корисниците кои бараат чисто и едноставно искуство.
Оваa верзија, која моментално е достапна за тестирање преку експерименталниот Nightly канал, претставува директен одговор на барањата за отстранување на бројните дополнителни функции кои компанијата ги користи за генерирање приходи и одржување на својот бизнис модел.
За разлика од стандардната верзија, Brave Origin целосно ги исклучува интегрираните сервиси како системот за наградување (Brave rewards), дигиталниот паричник, VPN функцијата и асистентот базиран на вештачка интелигенција Leo, делот за вести и уште цела листа.
И покрај ова, корисниците ги задржуваат сите клучни карактеристики по кои прелистувачот е познат, вклучувајќи ги напредното блокирање на реклами и следачи, строгата заштита на приватноста, како и брзината при вчитување на страниците обезбедена преку нивната препознатлива технологија за филтрирање на сообраќајот.
Новиот софтвер е замислен пред се како платен производ за повеќето платформи, овозможувајќи им на корисниците директно и финансиски да го поддржат развојот на проектот без да бидат изложени на комерцијалните додатоци.
Лиценцата овозможува активација на повеќе уреди, а чини 59,99 долари еднократно. Како исклучок од новиот модел на наплата, за корисниците на Linux оперативните системи на десктоп компјутери ова минималистичко издание останува бесплатно за преземање.
Стандардната верзија на прелистувачот секако останува бесплатна и достапна за сите корисници без никакви промени, додека Brave Origin нуди специфична алтернатива за напредните корисници кои приоритет даваат на помалa потрошувачка на системски ресурси и беспрекорно чист кориснички интерфејс.
За некои, оваа верзија е таа која треба да биде единствено понудена, па од Brave непотребно имаат додадено огромен број на функции, па сега планираат да наплатат за тие кои би сакале да користат прелистувач без нив.










































