
Марк Гурман од Bloomberg, веќе имаше доста да каже за новата верзија од Siri која конечно ќе ја видиме оваа година, а ќе биде презентирана во рамките на WWDC 2026 во јуни.
Тој веќе најави дека Siri ќе стане достапна и како посебна апликација, ќе може да се користи и како „четбот“, односно како апликациите од OpenAI, Anthropic, Google и другите, а тука е и редизајнот на корисничкиот интерфејс.
Гурман најави и дека Apple планира да дозволи интеграција на другите јазични модели директно во Siri, па корисниците ќе можат да бираат со кој јазичен модел сакаат да функционираат.
Во неговата најнова неделна објава тој не открива нешто посебно нови информации, но ја користи оваа објава да ги повтори, односно потврди досегашните.
Гурман истакнува дека може да се очекува целосен редизајн на Siri во iOS 27, iPadOS 27 и macOS 27, а како дополнителен доказ за тоа ја гледа и најавата за WWDC 2026 конференцијата.
Според него, Apple отсекогаш откривале што е тоа што може да се очекува на настанот којшто го најавуваат преку графиката која ја користат во поканите. Тие порано биле многу повеќе очигледни, но и во поновите може да се откријат сокриени знаци.
Дизајнот на најновата покана според Гурман е знак за новиот кориснички интерфејс кој ќе дојде за новата верзија од Siri, а покрај достапноста на посебната апликација, Siri ќе функционира и преку „динамичниот остров“.
Ефектите околу овој дел ќе бидат во стилот прикажан на поканата, конкретно осветлувањето на бројката 26 во истата.
Во оваа објава Гурман пишува и за можното одложување на неколку Mac компјутери поради недостатокот на меморија на пазарот. Конкретно истакнува дека можно е да дојде до одложување на претставувањето на новите верзии од Mac Studio и првата верзија од MacBook Pro со екран на допир.
Одложувањето не се очекува да биде големо, па овие уреди би биле претставени со мало задоцнување од планираното.









































