Пред околу пет месеци, кога во главно грешно беше пренесена информацијата на Facebook за тоа дека размислува да направи промени со лајк копчето, најавено беше дека тоа нема да биде во форма на дислајк, туку во форма на искажување на емпатија, емоции и слично.
Оваа недела конечно имаме потврда за тоа дали и во каква форма ќе биде направено дополнувањето на лајк копчето, а таа доаѓа од разговорот што Bloomberg го имаше со Крис Кокс, главен за производи во Facebook.
Како што и беше шпекулирано неколку пати досега, покрај лајк копчето ќе бидат додадени дополнителни икони коишто изразуваат неколку емоции, односно поточно како што е и нивното име, реакции на одредени ситуации.
Тоа и беше замислата при правењето на реакциите, да на луѓето им се даде можност да искажат нешто друго покрај допаѓање, за ситуациите кога тоа не е баш прикладно и погодно.
Реакциите ќе бидат достапни со долго притискање на лајк копчето, по што тие ќе се појават и ќе може да се изберат. Покрај бројот на лајкови, ќе стои и бројот на сите посебни реакции.
Конечно, реакциите коишто ќе им бидат достапни на корисниците се следните: љубов, хаха, јеј, wow, тага и лутина, поточно на англиски: love, haha, yay, wow, sad и angry.
Како што нагласија и минатиот пат, можноста за воведување на дислајк копче е целосно исклучена поради истражувањата коишто покажуваат дека тоа би предизвикало премногу негативни емоции и реакции кај корисниците. Тоа е нешто што од Facebook на сакаат да се случи, зошто резултатот би бил помалку користење на нивната мрежа. Ако има нешто што може да ги одвикне луѓето од отворање на мрежата е добивањето на дислајк на некоја нивна слика или објава.
Интересно е објаснувањето зошто е почнат развојот на реакциите, како и тоа како е одлучено баш кои ќе бидат избрани да се овозможат. Сепак, ставањето на поголем избор ќе направи само натрупување на лајк копчето коешто ќе почне да личи на делот за емотикони.
Главната причина за воведувањето на реакциите е повеќе годишното барање од страна на корисниците да се овозможи дополнителен избор покрај лајк копчето. Многу корисници бараа да се додаде дислајк, меѓутоа како што објаснивме погоре, тоа не е земено како можност.
Начинот на којшто се избрани овие реакции е преку следењето на коментарите на луѓето коишто биле составени од еден збор. На овој начин луѓето често реагираат на некоја објава за којашто можеби не е пригодно да се притисне лајк.
Исто така, следени се и реакциите коишто луѓето сакале да ги пренесат при користењето на стикерите, по што е дојдено до горните 6 реакции.
Останува уште Facebook официјално да ги најави реакциите, по што може да се очекува нивно имплементирање во неделите што следат.
Извор: Bloomberg, TNW, The Verge
Фото: The Verge