Фото: Microsoft

Microsoft ја пушти најновата верзија од нивната одлична алатка PowerToys, која е наменета за понапредните корисници и на Windows му донесува цела листа на дополнителни функции кои ги нема во самиот оперативен систем. 

Најновата верзија, PowerToys 0.98, ја донесува функцијата Command Palette Dock, која беше најавена на почетокот од годината. Оваа функција е дел од одличната Command Palette функција која кратко кажано кај Windows донесува функција слична со популарната Spotlight кај macOS, односно повеќе други такви на Linux. 

Со Command Palette Dock Windows 11 добива уште една лента, покрај долната, која е поставена на горната страна од корисничкиот интерфејс, а со тоа може да се каже дека Windows 11 добива сличност со macOS и голем дел од Linux дистрибуциите. 

Во оваа лента корисниците можат да ги постават нивните омилени команди кои ги користат со Command Palette, но уште покорисно, можат да постават повеќе информативни картички, како што се ресурсите на компјутерот и слично. 

Фото: Microsoft

Microsoft овозможува цела листа на „екстензии“ за оваа лента, а програмерите имаат пристап до API алатката преку која можат да направат свои екстензии за своите апликации. 

Лентата, за разлика од долната која засега е фиксна, може да биде поставена на било која страна од екранот. 

PowerToys 0.98 донесува уште неколку новини, а ако сте активен корисник, за истите можете да прочитате на официјалната страна од апликацијата на GitHub од каде може да се симне најновата верзија.