1085083_10151766184756212_1608987158_o
Слика: FBI Facebook

Живееме во време кога за повеќето работи кои што ги правиме, оставаме некаков отпечаток онлајн. Тоа значи дека ставаме информации за нас на Facebook, чуваме слики во облакот, ја покажуваме нашата локација преку апликации и многу повеќе. Ова се покажа како одлична можност за одредени безбедносни владини агенции во светот, ако не и повеќето, да го искористат за нивни цели и потреби. Тие сакаат што повеќе да имаат пристап до овие информации оставени од нас, по што можат да ја вршат нивната работа, а се разбира не сме секогаш сигурни која е таа.

Се повеќе компании се обидуваат да ја подобрат нивната популарност преку нудење на решенија и функции кои што треба да ја подобрат вашата приватност во ова поврзано време. Apple и Google тоа ќе го направат преку менување на нивната политика за приватност кога се работи за вашите податоци кои што се наоѓаат на мобилните телефони. Податоците кои што и до сега имавте можност да ги енкриптирате, во најновите верзии од оперативните системи од овие компании, тоа ќе се прави автоматски секогаш кога ќе изберете да го заштитите вашиот уред со некоја од можностите кои што ги нудат системите, како код и слично.

Она што е исто така различно, како што објавија двете компании, е тоа што тие веќе нема да имаат можност да ги отклучат вашите заклучени уреди, дури и кога тоа ќе биде побарано од нив преку судски налог. Тоа значи дека клучевите за декриптирање на вашиот уред ќе бидат само на вашиот уред, а компаниите нема да имаат начин како досега да ја заобиколат вашата шифра.

Оваа можност според директорот на FBI, односно американското Федерално Истражно Биро, може да предизвика проблеми во одредени ситуации и да доведе до неможност за решавање на некои сериозни случаи. Тој сака да каже дека властите мораат да имаат пристап до содржината на уредот до обвинет за терористички дејства на пример или педофил, за да може да се изгради случајот против него. Еве како тој ја изразува неговата загриженост околу оваа нова можност:

„Ми се допаѓа и навистина верувам дека ние треба да добиеме налог од независен судија за да бидеме во можност да ја извадиме содржината од нечии плакар или од нивниот паметен телефон. Идејата дека некој би пласирал на пазарот плакар кој што не би можел да биде отворен, дури и ако се работи за случај на киднапер на деца и судска одлука, за мене тоа нема никаква логика.“

Ова како што истакнуваат од The Verge, потсетува на дебатата во 90-ите околу оправданоста на можноста за енкрипција на хард дисковите, што би довело до тоа да само сопственикот може да пристапи до неговата содржина. Ова може да се каже дека е слична дилема, која што денес ги вклучува мобилните телефони кои што се полни со информации од нашите животи.

Според директорот на FBI целата атмосфера која што се создаде после објавувањето на информациите од страна на Edward Snowden има отидено предалеку и смета дека трендот во кој што се движат работите околу приватноста, може да предизвика големи проблеми.

Извор: The Verge, Huffington Post

Претходна статијаMicrosoft Wireless Display Adapter сака да го пензионира вашиот HDMI кабел
Следна статијаДостапна нова надградба за корисниците на Windows Phone Preview for Developers
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.