Google го претстави моделот Gemma 4 12B, наменет да донесе агентска и мултимодална вештачка интелигенција директно на компјутерите. Тој се позиционира меѓу помалиот E4B и понапредниот модел со 26 милијарди параметри, а воедно е и првиот среден модел од серијата со вградена поддршка за аудио внес.
Тоа што го издвојува овој модел е „архитектурата без енкодери”, при што визуелните и аудио сигналите влегуваат директно во јазичното јадро, без посебни компоненти што додаваат доцнење и трошат меморија. Поради ова, моделот нуди перформанси блиски до верзијата со 26 милијарди параметри, но со помалку од половина од потребната меморија.
Gemma 4 12B е доволно мал за да работи локално на компјутери со 16 гигабајти меморија, а е објавен под отворената „Apache 2.0″ лиценца. Серијата Gemma 4 досега, инаку, надмина 150 милиони преземања.
Една од поважните новини кои беа најавени заедно со Gemma 4 12B е и достапноста на Google AI Edge Gallery апликација за macOS. Корисниците добиваат можност да ги користат отворените јазични модели од Google локално на нивните компјутери, без потреба од интернет конекција.
Од Google истакнуваат дека корисниците можат да го користат новиот јазичен модел на компјутер со „само“ 16GB меморија, точно колку што има најпопуларниот компјутер за локално извршување на модели, Mac mini M4.
Оваа апликација се приклучува на доста популарната Ollama, а можноста за извршување на јазичните модели локално станува се повеќе популарна, во главно поради трошоците и приватноста.






































