Фото: Brave

Brave е една од најпознатите алтернативи на пазарот на интернет прелистувачи за корисниците кои сакаат да се тргнат од „следењето“ на Google и да користат повеќе приватна алтернатива. 

Иако прелистувачот е направен на основа на отворениот Chromium код, со што ги добива сите негови предности, тој сепак ги нема сервисите од Google. 

Една од главните пречки за поголемо користење на Brave, а и една од поголемите критики од корисниците, е вклучувањето на не така мал број на функции кои го преполнуваат прелистувачот. 

Листата не е баш мала и истата вклучува вештачка интелигенција, вести, награди за гледање реклами, Tor интеграција, VPN и можеби најкритикуваната од сите, интеграција со крипто паричници. 

Секако, овие функции може да се исклучат една по една, но тие сепак остануваат дел од кодот и секогаш се поставува прашањето дали корисникот успеал сите да ги најде за да ги исклучи. 

Поради тоа од Brave во април ја претставија новата и платена верзија од Brave наречена Brave Origin. Оваа верзија ги трга сите тие „непотребни“ функции, па ги задржува само основните, а секако и познатите функции поврзани со приватноста и блокирањето на „тракери“ и реклами. 

Сега Brave Origin е официјално достапен и корисниците можат да почнат да го користат. Прелистувачот треба да се купи, односно еднократно да се плати за неговото користење сума од 59,99 долари. 

Достапноста на Brave Origin доаѓа во две форми, како посебна апликација или како надградба на постоечка инсталација на Brave. Доколку корисникот се одлучи за надградба, функциите кои се сметаат за непотребни се исклучуваат, но корисниците можат по избор да ги вклучат во иднина. 

Како посебна апликација засега Brave Origin е достапен само на десктоп, односно на мобилните мора да се направи надградба, а интересно, на Linux истиот е бесплатен.