Фото: Mozilla

Mozilla минатата недела го претстави Thunderbolt, нов отворен ВИ клиент наменет првенствено за компании и организации кои сакаат сами да ја хостираат својата ВИ инфраструктура. 

Проектот доаѓа од MZLA Technologies Corporation, профитната подружница на Mozilla Foundation која веќе подолго време го одржува имејл клиентот Thunderbird.

Идејата зад Thunderbolt не е да биде уште еден „четбот“ во облакот, туку „клиентски слој” преку кој организациите сами избираат кои јазични модели и сервиси ќе ги користат. Тоа значи дека компанијата може да го поврзе клиентот со комерцијални модели од OpenAI или Anthropic, со отворени модели или пак целосно локално да стартува модели на сопствени сервери, без податоците да излегуваат од корпоративната мрежа.

Работниот простор нуди разговор, пребарување, истражување и автоматизација на задачи како генерирање дневни извештаи, следење одредени теми или составување редовни анализи. 

Thunderbolt се интегрира со платформата Haystack од германската компанија deepset, како и со отворени протоколи како Model Context Protocol (MCP) и Agent Client Protocol (ACP) за поврзување со внатрешни системи и агенти.

Достапни се верзии за Windows, macOS, Linux, iOS и Android, а изворниот код е објавен на GitHub под MPL 2.0 лиценца.

Рајан Сајпс, извршен директор на MZLA, вели дека „ВИ е премногу важна за да се препушти на надворешни компании” и дека Thunderbolt на организациите им дава можност сами да одлучат како ВИ ќе се вклопи во нивните процеси, на нивната инфраструктура и со нивните податоци. 

Реакциите се мешани. Додека дел од заедницата позитивно ја поздравува појавата на уште една отворена алтернатива на Microsoft Copilot, ChatGPT Enterprise и Claude Enterprise, други сметаат дека Mozilla повторно се распрснува на различни проекти наместо да се фокусира на Firefox. 

Додатно, самото име Thunderbolt веќе е добро познат технолошки стандард што го користат Intel и Apple за брзиот конектор, па збунувањето е очекувано. Јасно е дека оваа работа Mozilla требаше да ја предвиди.

Сепак, Thunderbolt е логично продолжение на работата на MZLA и Mozilla во делот на отворен код и приватност, овојпат насочено кон корпоративниот сегмент каде прашањето за сувереност врз податоците станува сѐ поважно, особено за европските компании и јавните администрации.