Perplexity најави дека почнува со пуштање на Personal Computer, локалниот агентски систем за кој пишувавме веднаш по претставувањето минатиот месец.
Компанијата преку објава на X соопшти дека од 16 април пристапот го добиваат сите претплатници на Perplexity Max, со приоритет за корисниците кои претходно се запишаа на листата на чекање.
Како потсетување, Personal Computer е проширување на Perplexity Computer, агентot кој оркестрира повеќе ВИ модели за извршување на комплексни задачи. Разликата е што Personal Computer се интегрира со Mac апликацијата на Perplexity и добива пристап до локалните датотеки, изворните апликации и прелистувачот на корисникот, па може да работи континуирано во позадина.
Иако софтверот може да се вклучи на секој Mac со macOS 14 Sonoma или понов, од компанијата препорачуваат да се инсталира на посебен Mac mini кој може да биде вклучен 24/7.
Примерите кои Perplexity ги истакнува вклучуваат читање и извршување на листи со задачи од апликацијата Notes, автоматско сортирање на папката Downloads и координирана работа низ iMessage, е-пошта, локални датотеки и поврзани апликации.
Пристапот останува ограничен на Perplexity Max, претплатата од 200 долари месечно, додека корисниците на Pro планот од 20 долари немаат пристап до оваа функционалност.
Засега Perplexity нема најавено поддршка за Windows или за друг хардвер, па Mac остана единствената платформа на која Personal Computer работи.
Сепак, јасно е дека трката за локални ВИ агенти влегува во нова фаза, а Perplexity е една од првите компании која овој концепт го пушта во раце на пошироката група корисници.
Останува да се види колку локалниот пристап навистина ќе донесе разлика во однос на сè побројните агенти преку „облакот“, особено кога обработката и натаму се одвива на серверите на Perplexity.









































