По повод 50-годишнината на Apple, Марк Спунаур од Tom’s Guide седна со Грег „Џоз“ Џизвиак, постар вицепретседател за маркетинг и Џон Тернус, постар вицепретседател за хардверско инженерство, и заедно зборуваа за речиси сè што моментално е интересно околу Apple. 

Интервјуто е објавено на YouTube каналот на Tom’s Guide и трае нешто под половина час, а темите се навистина широки.

Добар дел од разговорот е посветен на MacBook Neo, лаптопот од 599 долари кој неочекувано го разниша пазарот. Џоз и Тернус објаснуваат дека Neo не е само поедноставена верзија на MacBook Air, туку целосно нов производ со редизајниран „trackpad“ и ново куќиште, како два примери.  

Двајцата гости коментираат и околу линијата помеѓу Mac и iPad, која изгледа дека се намалува со најновите ажурирања на iPadOS 26 и најавите за Mac со екран на допир. Тернус јасно вели дека во Apple никогаш не постоела идеја овие две платформи да се спојат во една.

Дел од интервјуто е посветен на паметните очила. Џоз директно ги нарекува „неизбежност”, велејќи дека “има некоја неизбежност во спојувањето на дигиталниот и физичкиот свет”. Ова е јасна потврда дека Apple работи на свои очила, а според најновите извештаи првите модели би можеле да се појават кон крајот на оваа година, со продажба во 2027.

Разговорот допира и до вештачката интелигенција, каде Apple се смета дека заостанува зад ChatGPT, Gemini и Claude. Тернус вели дека компанијата не размислува да „испорачува технологија”, туку „искуства”, додавајќи дека најдобро е кога корисникот дури и не знае дека користи ВИ.

Џоз од друга страна истакнува дека вештачкта интелигенција е на почетокот од развојот и не истата не треба да се гледа како на спринт трка, туку како на маратон.

На крајот, двајцата зборуваат и за неуспесите на Apple, од првиот MacBook Air од 2008 кој „не се продаваше многу добро”, до фијаското со Apple Maps во 2012.