Фото: Microsoft

Microsoft работи на сериозно унапредување на Старт менито во Windows 11, кое по долго време ќе им даде на корисниците повеќе контрола врз изгледот и однесувањето на еден од најкористените елементи во оперативниот систем. 

Според извештајот на Windows Central, станува збор за надградба што ќе биде дел од новото WinUI 3 Старт мени чиј развој Microsoft веќе го потврди. Од порталот истакнуваат дека информациите ги имаат добиено од луѓе кои се запознаени со работата.

Новото мени визуелно ќе личи на постоечкото, но клучната разлика ќе биде во напредните опции за прилагодување што ќе бидат сместени во Settings. Корисниците конечно ќе можат рачно да избираат меѓу малиот и големиот формат на менито, што досега не беше можно, а Windows 11 самиот го избираше врз основа на големината и резолуцијата на екранот.

Додатно, ќе биде можно целосно да се исклучат деловите од менито што не ги користите. Ако не сте љубител на делот со препораки, ако не „прикачувате“ апликации или ако воопшто не ја користите листата со сите апликации, ќе можете едноставно да ги исклучите со еден клик преку Settings. 

Ова е промена што приврзаниците на почистиот интерфејс ја бараат со години.

Сепак, освен козметиката и прилагодувањето, подеднакво важна е и работата на перформансите. Според изворите на Windows Central, новото Старт мени ќе биде значително побрзо, а една од главните цели е тоа да остане функционално дури и кога системот е под сериозно оптоварување.

Секој што користел Windows 11 на послаб или оптоварен компјутер знае за што станува збор. Постоечкото Старт мени знае да се отвора со секунди задоцнување кога процесорот е под „оптоварување“, а пребарувањето често прескокнува букви ако пишувате побрзо. 

Иако се работи за неофицијална информација, оваа промена верувам дека има големи шанси да биде претставена, а во главно поради најавата на Microsoft дека оваа година ќе работи на исправка на критикуваните делови и функции од Windows 11.