Изминатиов викенд имав прилика да присуствувам на годинешното издание на конференцијата за друштвен активизам Engage која се одржа во Скопје. Речиси сите говорници имаа интересни приказни за споделување (како на пр. креирањето на апликацијата за прикажување податоци за квалитетот на воздухот во Македонија – Мој Воздух), а прилично интересни беа презентацијата на Владан Јолер од Србија и говорот на Smári McCarthy.
Сепак, јас (а и мнозинството на останатитите посетители, кои ја испразнија салата откако заврши неговиот говор) бев заинтересиран примарно да го чујам и видам Петер Сунде, соосновачот на TPB (The Pirate Bay) и работите што тој има да ги каже, со оглед на неговото турбулентно минато во сферата на дигиталниот активизам (овој негов скорешен напис особено препорачувам да го прочитате).
Сунде не ги разочара моите (високи) очекувања, иако очекував некој посериозен говор претежно осврнувајќи се на судскиот процес против тројцата соосновачи на TPB, од кои едниот до денешен ден се наоѓа во притвор (Gottfrid Svartholm). Петер имаше духовит и инспиративен говор во кој се осврна на нефер борбата против глобалната пиратерија која ја води Холивуд.
Тој започна со краток осврт кон историјатот на создавањето на The Pirate Bay (TPB) и идеологијата позади овој вебсајт. Проектот TPB е создаден како проект на Пиратското Биро (The Pirate Bureau), шведски тинк-тенк за слободно споделување на информации и култура. Откако беше создаден, во првата декада од 21-от век TPB прерасна не само во сајт за прикачување на торенти со филмови и телевизиски серии, туку платформа за слободно споделување на култура, и промовирање на млади филмски и музички уметници кои без оваа платформа не би имале можност да стигнат до поголема публика.
Откако Холивуд ја воочил популарноста на овој вебсајт, тие почнале крволочна борба за неговото сопирање, заканувајќи се дури и со трговски санкции за Шведска (каде што било седиштето на TPB), доколку тамошните власти не преземат строги мерки. На сиве овие напади TPB возвраќале со хумор и сатира, нагласувајќи дека законите на САД не важат и во Шведска. Сепак, големите филмски и музички компании од САД не престанале со нивната борба, и ги вовлекле тројцата соосновачи на TPB во судски спорови од кои до денес не можат да кренат глава.
Говорејќи за начинот на којшто новите технологии ја „пореметувале“ музичката индустрија во минатотото, Сунде вели дека секој пат кога била измислена нова технологија за слушање на музика, и подоцна, за снимање на таа музика, биле измислени и нови начини за да се профитира од таа технологија:
Ако се навратиме сто години наназад, луѓето тогаш свиреа музика по улиците. По некое време беше измислен грамофонот. Многу луѓе беа вознемирени затоа што луѓето само ќе ја снимат музиката за да ја слушаат дома, а уметникот нема да биде платен за тоа. Оттаму, музичарите беа навистина исплашени. Она што се случи е дека музичарите ги тужеа компаниите кои ги правеа музичките плочи, а сепак на крајот направија многу повеќе пари, бидејќи луѓето почнаа да купуваат повеќе музички плочи и имаа зголемен интерес за музиката што пак помогна да се зголеми обемот на музичката индустрија.
Потоа некој го измисли радиото, и музичарите повторно беа вознемирени затоа што луѓето само ќе ја слушаат музиката на радио, и никој повеќе нема да ги купува музичките плочи. Спротивно на ова, се покажа дека радиото беше навистина добар изум за музичарите и индустријата и нов начин за правење профит. Потоа беше измислен вокменот, па сите беа вознемирени дека луѓето само ќе ја снимаат музиката што се пушта на радио и ќе ја слушаат таа музика на радио само еднаш без да платат.
Неговите зборови добиваат на тежина со оглед на последните случувања во Холивуд. Сигурно веќе ги имате спуштено на торент првите четири епизоди од сезона 5 од Game of Thrones, покрај милиони други луѓе ширум светот. И покрај тоа, првата епизода од оваа серија го „скрши“ својот рекорд на (легална) гледаност.
Зборејќи за брзиот напредок на технологијата, Сунде потенцираше дека новите изуми во технологијата, како што се 3Д печатарите, ќе станат поевтини и подостапни за пошироката маса на луѓе во наредните 15 години. Направете споредба со тоа каде бевме во 2005 година, а каде сме сега. Во 2005 година, никој немаше да поверува ако му кажевме дека во 2015 година веќе масовно ќе се произведуваат автономни електрични возила и дека компании како Ауди ќе бидат дел од тој тренд.
Новите технологии ќе се појавуваат многу, многу бргу. Во 2035 година ќе бидеме сведоци на појавување на повеќе нови технологии во еден месец отколку што се појавиле досега во сета историја на човештвото.
Тоа што беше особено интересно е што Сунде се осврна и на антиквизацијата на Скопје. Додека остатокот од светот се занимава со модернизација на своето општество, користејќи ја полезноста на технологијата, нашиот град е насочен кон идолизирање на минатото.
Иако технолошки е далеку понапреден, западниот свет се соочува и со огромни проблеми кои ние се уште ги немаме: војна против пиратеријата, затворски казни за „пиратите“, интернет цензура итн. Законите кои пак се носат таму имаат ефект на прелевање и врз помалку развиениот свет, и земји каква што е нашата. Ние немаме право да гласаме за легитимноста на тие закони, но можеме да учиме од искуствата на овие земји, од нивните успеси, но и од нивните грешки.
Сите помалку развиени земји се стремат кон достигнување на демократските идеали, и поради тоа не бараат подобри алтернативи. Во дигиталниот свет, копирањето е нужно за иновирање во ремикс културата во која живееме. Следејќи го овој модел и во реалниот свет, можеме да стигнеме до ниво каде што би се наметнале како лидери, а не бледи копии на овие земји.