Дел од Innovative Advanced Concepts програмата на NASA, а изработен од Jet Propulsion Laboratory, Lunar Crater Radio Telescope има големи шанси да стане реалност во иднина. Овој засега концепт проект доби дополнителни финансии во висина од 500.000 долари во втората фаза на финансирање.
Целта е да се изгради телескоп на темната трана од Месечината во кратер со големина од 3 километри. Самиот телескоп би бил со големина од 1 километар, нешто што досега не е изградено ни тука на Земјата.

Lunar Crater Radio Telescope или LCRT, ќе се користи за откривање и мерење на долгите радиобранови кои се генерирани од таканаречените космички „темни времиња“, односно период од неколку стотици милиони години по создавањето на универзумот, односно по „the big bang“.
Во овој период се’ уште не биле создадени ѕвездите, па се верува дека универзумот бил составен во главно од водород од кого подоцна и се создаваат првите ѕвезди.
Сепак, овој период се смета за мистерија која треба да биде подобро откриена, а телескоп поставен на Месечината би бил идеален за таа намена. Земјината атмосфера и радиобрановите кои ги има од сите страни во денешно време, пречат за да може да се мерат широките радиобранови.
Темната страна на Месечината, односно страната која не е насочена кон Земјата, би ги немала проблемите кои ги има на Земјата, па телескопот би можел да функционира слободно.
Додатно, LCRT треба да биде изграден од роботи, односно за неговата изградба не би требало да се планира човечка мисија на Месечината. Доколку вакво нешто се оствари, ќе претставува и голем напредок за овој вид на технологија за идни мисии.