После достапност во тест верзиите од Windows 11, сега сите корисници можат да го прошират „widgets“ делот да се прикажува на целиот екран. Интересно, ова не личи како некоја голема промена, а Microsoft ја прикажува на слики уште пред официјалното пуштање на Windows 11, па дури сега после година и пол, оваа можност им станува достапна на сите корисници.
За да се прикажат виџетите на целиот екран достапно е ново копче поставено на горниот дел, до сликата од корисникот. Со притискање на ова копче, овој дел од системот се проширува на целиот екран, иако виџетите не се прикажуваат од едниот до другиот крај, зависно од резолуцијата на мониторот којшто се користи.
Со ова се довива можност да се прикажат повеќе виџети, што во оваа фаза на нивна достапност во главно значи повеќе новости кои се прикажуваат од Microsoft.
Овој дел би требало да стане многу покорисен и привлечен за користење со зголемувањето на достапноста на виџети од „трети страни“, односно од програмерите на апликациите кои се достапни на Windows. Сега за сега достапни се само неколку виџети од Microsoft, кои иако се корисни, сепак се малку.
Messenger од Facebook е првиот ваков виџет, односно виџет кој е од трета страна. Моментално е достапен во тест верзиите од Windows 11, но може наскоро да се очекува да им стане достапен на сите.
Windows 11 го памти изборот на прикажување на делот за виџети, односно доколку го притиснете копчесто за прикажување на целиот екран, тој формат ќе се користи при секое вклучување на виџетите, се додека не се притисне повторно на новото копче.