Фото: DepositPhotos

Microsoft објави дека со безбедносната надградба во јануари 2027 година Windows во основните поставки ќе ги блокира ReFS дисковите на преносливи и надворешно приклучени уреди, како „USB“ мемориите. Промената е опишана во документ за поддршка објавен на 13 октомври и важи за Windows 10, Windows 11 и Windows Server.

ReFS (Resilient File System) е систем за датотеки на Microsoft, кој во Windows 11 го користи и Dev Drive функцијата за програмерите. Според компанијата, ReFS на преносливи медиуми „не е поддржана конфигурација“, а промената треба да ја подобри безбедноста на системот.

Блокирањето оди во две фази. Со октомвриската безбедносна надградба Windows само бележи предупредување во „Event Viewer“ кога ќе пронајде ReFS диск на надворешен уред, без да го блокира. Од јануари, ваквите дискови, ако ги исполнуваат условите за надворешен медиум што Microsoft не ги објаснува подетално, нема да се монтираат („mount“), односно нема да може да им се пристапи, освен ако администраторот не ја промени поставката.

Тоа може да се направи преку „Group Policy“ или регистарот, со новата поставка RefsRemovableDeviceMountPolicy, каде 0 ја исклучува проверката, 1 само бележи предупредување, а 2 ги блокира дисковите. Ако поставката е зададена на двете места, предност има „Group Policy“, па ако на компјутерот е зададена политика, промената само во регистарот нема да помогне. По промената е потребно рестартирање на компјутерот.

Microsoft предупредува дека блокирањето може да го оневозможи пристапот до податоците на надворешниот ReFS диск, па препорачува тие да се преместат на поддржан диск пред промената. Според Windows Latest, датотеките не се бришат, туку Windows само нема да може да ги отвори.

Документот се однесува само на ReFS и не ги спомнува другите системи за датотеки, па дисковите форматирани со NTFS, exFAT или FAT32 не би требало да се засегнати.

Ова не е првпат ReFS дисковите на „USB“ да имаат проблем со Windows. Една надградба во јануари 2022 година ги направи нечитливи, а Microsoft тогаш објасни дека ReFS не е поддржан на преносливи медиуми, но проблемот сепак го поправи со вонредна надградба.

Сепак, одлуката изгледа малку чудно, бидејќи Microsoft во последниве години му дава сè поголема улога на ReFS, а во една тест верзија на Windows 11 минатата година се појави и недовршена опција системот да се инсталира на ReFS наместо на NTFS, која тогаш не работеше.

Не е познат точниот датум, но месечните безбедносни надградби обично излегуваат вториот вторник во месецот, што би бил 12 јануари.