Фото: NextKde

Liquid Glass, дизајнот што Apple го воведе минатата година во сите свои оперативни системи, сега го следат и проекти за Linux. NextKDE е нова десктоп „верзија“ за KDE Plasma, а во понеделникот ја доби првата официјална верзија, 0.1.0.

NextKDE не е посебна дистрибуција. Се инсталира врз постоечка KDE Plasma 6 со Wayland и ги заменува горната лента, „dock“, менито за апликации, пребарувањето, известувањата и поставките. Изграден е со Quickshell, алатка за изработка на сопствени десктоп околини и носи сопствени ефекти за KWin, програмата што ги управува прозорците во Plasma.

Во поставките може да се избере изглед сличен на macOS, со „dock“ што лебди и проѕирна горна лента или изглед во стилот на Material Design на Google. Стаклото може да биде „liquid glass“, со мек сјај или замрзнато, а на работната површина има додатоци за часовник, временска прогноза, календар, потрошувачка на системот и музика. Дополнително, постои опција, исклучена во основните поставки, со која локален „AI“ модел додава ефект на длабочина кај позадината.

Инсталацијата засега не е за почетници, бидејќи проектот главно се „компајлира“ од изворниот код. Бара KWin 6.6 или понова верзија, Quickshell 0.3 и Qt 6.6, а упатства има за Arch Linux, Debian 13, Ubuntu 26.04, Fedora 44 и NixOS, од кои упатството за Fedora е од заедницата.

Според белешките за верзијата, основната инсталација е тестирана само на Kubuntu 26.10 со KWin 6.7.5 во виртуелна машина, а инсталерот за апликациите и опцијата со „AI“ позадината не биле целосно тестирани. Веќе во вторникот беше објавена поправка 0.1.1, бидејќи тој инсталер во основните поставки градел и музички плеер што требало да биде опционален.

Авторите препорачуваат резервна копија пред надградба, а деинсталацијата ја враќа претходната обвивка на Plasma.

Верзиите ги објавува програмерот со корисничко име SuceV587 на GitHub. Документацијата е на англиски и кинески, а дел од интерфејсот на сликата од екранот е на кинески, па изгледа дека развојот главно е во Кина. Проектот има над 500 ѕвезди и 23 соработници, а лиценцата е GPL-3.0.

Дел од кодот веројатно е пишуван со „AI“ агенти, слично како кај CutefishOS. Автоматска проверка во проектот одбива промени во кои „AI“ алатки како Claude, Copilot или Devin се наведени како автори или коавтори, за да не се појават во листата соработници на GitHub. Според коментар во самата проверка, вакви промени веќе имало од Claude, Devin и Qoder.

Теми што наликуваат на macOS на Linux постојат со години, но NextKDE оди подалеку и ја менува целата околина на Plasma.