Фото: DepositPhotos

Samsung сè уште официјално ја нема потврдено Galaxy S27 серијата, но неофицијалните информации за истата стандардно стануваат сè почести, посебно како што се ближи времето за претставување. Последните доаѓаат од страницата SammyGuru, која објави слики од заштитни стакла за Galaxy S27, S27+ и S27 Ultra, наредени едно до друго.

На сликите има обични и стакла со заштита за приватност, а според SammyGuru, вакви додатоци од други производители веќе се појавиле и на неколку платформи за онлајн продажба. Стаклата ја покажуваат разликата во големината меѓу трите модели, а предната страна изгледа слично како кај претходниците, што сугерира дека Samsung нема да прави поголеми промени кај екраните. Сепак, заштитните стакла ги прават производители на додатоци, а не Samsung, па не е сигурно дека целосно одговараат на финалните уреди.

Дијагоналите не произлегуваат директно од стаклата, туку од претходните извештаи. Според нив, Galaxy S27 би имал екран од 6,27 инчи, S27+ од 6,66 инчи, а S27 Ultra од 6,89 инчи. Тоа значи дека, барем на хартија, станува збор за практично истите 6,3, 6,7 и 6,9 инчи што Samsung ги наведува кај Galaxy S26 серијата.

Самите стакла не откриваат ништо за дебелината на рамките, но SammyGuru неодамна пишуваше дека Ultra моделот би имал нешто потенки рамки, според OnLeaks 1,21 мм наместо 1,32 мм кај S26 Ultra. Станува збор за разлика што тешко се забележува без директна споредба, а поголемата промена, според истиот извор, би била на задната страна, каде камерите би се преселиле од вертикален во правоаголен модул, со една камера помалку.

На новите слики го нема Galaxy S27 Pro, моделот за кој неофицијално се зборува дека ќе има многу од карактеристиките на Ultra моделот, но со помал екран од околу 6,47 инчи и без пенкало. Сепак, SammyGuru пишува дека Samsung и понатаму го подготвува, а истата страница на 2 октомври објави рендери на заштитни стакла за сите четири модели, вклучително и Pro, па неговото отсуство овој пат веројатно не значи многу. Претходно протекоа и капацитетите на батериите за Pro и Ultra моделите.

Според SammyGuru, Samsung цели кон Unpacked настан во јануари 2027 година, но поради одредени проблеми во последен момент претставувањето би можело да се одложи за февруари. Новата серија треба да биде првата со стабилната верзија на One UI 9.5, а дел од моделите би можеле да работат и со Exynos 2700.

Цените и достапноста засега не се познати.